Сноубордите не се само парчиња дрво, челик и фиберглас, тие се алатки за бегство, медиум за лично изразување, начин да ги предизвикате вашите стравови, да ги туркате границите и да споделите неверојатни искуства со вашите пријатели…

Постојат многу причини зошто сноубордањето е еден од најдобрите начини да го поминете зимскиот одмор, но, веројатно, не сакате да раскажуваме во стилот на Шекспир за тврдите патеки, длабокиот снег и планините, снежната лепеза во секој свиок, па затоа ви подготвивме неколку точки што ќе ве замислат, а можеби и ќе ве убедат да пробате.

  • Сноубордањето е одлична физичка активност, фантастичен начин да поминете одредено време на снег и да дишите свеж планински воздух отколку да седите во куќата или во хотелот и да пиете топла ракија или вино (што е совршено прифатливо, но откако ќе го поминете денот со оваа активност на планина).
  • Одличен начин да се тестирате себеси и да излезете од вашата зона на комфорот. Никогаш нема да знаете доколку не пробате, нели?
  • Секогаш е забавно да се научи нешто ново. Учењето сноубордање бара одредена посветеност, , но кога ќе ја постигнете целта, чувството е бесценето. И нормално, ќе имате многу забавни моменти додека го правите тоа.
  • Постојат многу различни работи што можете да ги правите со сноуборд за да ви биде интересно. Единствено ограничување е вашата имагинација. „Крузирање“ низ натапканите патеки, неколку кругови во снежниот парк (сноу-парк) за да ги пробате елементите, да направите скок покрај патеката или пак пред хотелот, кога има свежо паднат снег да пробате бордање во длабокиот снег покрај патеката, или пак доколку сте спремни за пешачење и имате сплит-борд, да ја направите таа авантура во бескрајните планински предели на Бистра. Ова се само некои од опциите, останатиот дел ќе ѝ го оставиме на вашата фантазија.
  • Одлично е чувството кога бордате со пријатели или пак со семејството. Покрај забавниот дел, тоа групно возење ќе ве натера да пробате работи кои не се осмелувате да ги правите кога сте сами, така и вашиот стил и начин на возење ќе напредува многу побрзо.

  • Ако не пробате оваа сезона да бордате, следната година ќе бидете една година постари… Никој од нас не младее, а учењето сноубордање сезонава ќе ви даде комфор на една година плус во бескрајното уживање.
  • Не обидувајте се да разберете „на суво“ како со двете нозе треба да бидете врзани за една даска, тоа не можете да го знаете и никој не може да ви го објасни. Доколку некој се обиде да го направи тоа, со првите моменти на бордот ќе сфатите дека е нешто сосема ново и нешто апсолутно предизвикувачки.

Доколку ова не беше доволно, еве, за крај, ќе споделиме и некои помалку или веќе познати факти околу сноубордањето:

  • Сноубордерите трошат повеќе калории од скијачите во моментот на „акција“
  • Не есекогаш лесно да се научи сноубордање, особено за луѓето што претходно скијале. Самата асиметрична позиција на сноубордерот, од онаа симетрична на скијачот, може да направи проблем кај некои почетници.
  • Опремата за сноуборд е далеку покомфорна и полесна од онаа на скијачите, особено чевлите.
  • Сноубордерот во секое време може комотно да седне или да се потпре на колена кога сака да одмори, што кај скијачите е малку покомплицирано.
  • Сноубордерот во почетен стадиум е повеќе изложен на повреди, додека во понапредна, фаза бордерот има помали шанси за сериозни повреди.
  • Сноубордањето како спорт, најчесто го поистоветуваат со сурфање, скејтање и лонгбордање.
  • Сноубордањето стана олимписка дисциплина во 1998 год. во Нагано, а во 2014, во Сочи, стана параолимписка дисциплина.

За крај, само да напоменеме дека никогаш не треба да го заборавите огромното ривалство помеѓу скијачите и бордерите. Тоа е стигнато во бескрајни размери, особено во САД каде што има случаи на одредени ски-центри (како Alta, Deer Valley и Meyers) кои комплетно забранија сноубордери на нивните терени.


Со ова сакаме да кажеме дека доколку го изберете сноубордањето како активност што повеќе ви прилега, главата горе и бидете горди, ние, сноубордерите, секогаш ќе им бидеме трн во окото на скијачите.

Среќно бордање!