За „Асклепиј“

„Асклепиј“ е македонско здружение за заштита и спасување на планина и непристапни терени, кое е формирано во 2005 година од членовите на Алпинистичкиот клуб „Матка“. Соочувајќи се со потребата за организирање на систем за спасување на планина, во ситуација кога во државата не постојат решенија за овој проблем, алпинистите од клубот „Матка“ пристапија кон формирање на „Асклепиј“, како прв чекор кон институционално решавање на спасувањето на планина, од што алпинистите, поради природата на својата дејност, се најмногу засегнати.

Во почетниот период, околу иницијалното јадро на здружението се приклучи придружна група планинари и алпинисти кои во тој момент беа на обука под менторство на инструкторите од клубот „Матка“, па така, започна процесот на дисеминација на знаењето за планинско спасување на планинари и алпинисти од другите градови во земјава.

Асклепиј“ во Ресорт Маврово

Најголемиот дел од членовите на „Асклепиј“ се зависници од Маврово поради неколку причини: тука се најубавите планински предели во земјава каде што има можности за реализирање на сериозни планинарски и алпинистички предизвици, како во летниот, така и во зимскиот период; тука се наоѓа уникатниот кањон на Радика со бескрајните можности за качување по карпи и мраз; тука е масивот на Кораб, кој ги има најголемите атракции за турно и фри рајд скијање и секако, многу важно, во Ресорт Маврово е најдоброто скијање во Македонија.

Во 2018 година, наидовме на одлична соработка со менаџментот на ски-центарот на Ресорт Маврово и за „Асклепиј“ започна една нова приказна којашто планираме да се прошири и надвор од зимската сезона и тука да формираме врвен центар за обука на планински спасители во регионов, затоа што поседуваме знаење, искуство, ентузијазам и љубов кон планината, како неопходни услови за реализирање на ваков сериозен проект. Убедени сме дека за две години ќе не интервјуирате во Планинската академија којашто ќе функционира во Ресорт Маврово.

Еден работен ден на ски-патролите

Ски-патролата во ски-центарот има задача да ја следи безбедноста на планината и да се погрижи вашето скијачко искуство да биде што е можно побезбедно. Тие се првите луѓе на ски-патеките секое утро, и последни, на крајот на денот.

Работниот ден започнува во 07:45, со краток работен состанок и поделба на задолженијата. Потоа, патролата се упатува кон ски-патеките за да направи инспекција на состојбата со безбедноста на патеките; се прибираат податоци за температурата на воздухот, температурата на снегот, правецот и брзината на ветрот, кои ни се важни за поставување тактика за работа во текот на денот. Потоа следува уредување на заштитната опрема во скијалиштето, како што се заштитните мрежи, маркациските стапови, заштитните душеци и слично. Паралелно со тоа, има постојано скијање по патеките за коишто е задолжен член на патролата, со главен фокус кон превентивното дејствување за безбедност на скијалиштето, а во случај на потреба, укажување прва помош со задолжителна консултација со докторите кои се постојано на терен. При покомплицирани случаи, интервенираат лекарите на „лице место“ и зависно од карактерот на повредата, настраданиот се транспортира до амбулантата во ски-центарот на натамошен третман. Минатата година имавме повеќе од 300 евидентирани интервенции, а на тоа може слободно да се додадат уште најмалку стотина интервенции кои од објективни причини не се евидентирани во амбулантскиот дневник, затоа што едноставно, не можело да се постигне. Некогаш, во деновите од викендите во високата сезона, ски-патролата има и повеќе од триесет сериозни итервенции во еден ден, кои најчесто се концентрирани во краток временски период, што е условено од состојбата на снегот, временските услови и динамиката – сообраќајот во скијалиштето.

Накратко кажано, работата на членовите на патролите е многу динамична и опфаќа многу повеќе отколку само скијање. На прв поглед тие „уживаат“ додека се на работа и тоа е апсолутно точно, но пред сѐ затоа што ја сакаат својата професија и ја работат со страст, а не затоа што работата е лесна.

Денот завршува околу два часа пос крајот на работното време на скијалиштето, со проверка на состојбата на ски-патеките и жичарниците, за да бидеме сигурни дека сите гости се симнати од планината, а потоа следува средување на опремата, пополнување на дневниците за работа и брифинг за сработеното во текот на денот и планирање на задолженијата за наредниот ден.

Надоместокот што го добиваат членовите на патролата за својата работа е многу голем – изразен во пари тој е многу мал, помал од просечните примања во која било стопанска дејност кај нас, но изразен преку задоволството што го имаат тие додека работат и помагаат, добивката е бесценета. Како што кажа еден наш симпатизер пред десетина години: „Колку пари треба да платам за да бидам дел од вас?“