Одморот во Националниот Парк Маврово ќе ни биде во спомен како магично заедничко доживување на нашето семејство, во кое се откривавме меѓусебно, а секако откривме и по нешто ново за себе… а воедно и си го бистревме умот, доживувајќи поголема луцидност од свежината на чистиот воздух и потврдата и потсетувањето за вредностите кои сакаме да ги издигнуваме во нашиот живот и да ги пренесуваме на нашите деца.

Сања Никодиноска Бошњак

Нашите деца се едногласни, оваа година го имале најубавиот одмор во Ресорт Маврово, многу живописни места, возбудливи доживувања и авантури за кои со задоволство би ви раскажувале со часови.

Годинава ја почнавме со Крушево, па продолживме во Берово, Пехчево, Трпејца, Дренок, Беловиште… така дојде на ред и Маврово. Планираниот одмор на планина од една, се претвори во две недели.

Маврово како дестинација за летниот период не освои и со сигурност ќе се вратиме таму на полнење батерии.

Старата црква „Св. Никола“ ја буди имагинацијата кај децата и оддеднаш се ројат прашања, а ние се трудиме да најдеме задоволителни одговори на сите. Прошетка околу езерото, возење со кајаци и суп даски е неизоставно и неповторливо доживување. Учиме за дисциплина и истрајност. Учиме за баланс, а исто така учиме да не се откажуваме ако не ни успее од прва.

Со жичарницата се качуваме до Старо бачило, а таму лулашки, трамполина, игра со песок, тука е и малото трло со овци кое е вистинска атракција меѓу децата. За најљубопитните имa скриено богатство од малинки покрај блиската шумичка. Факаме по некој лејзи бег или хемок и сфаќаме дека било изводливо и ние возрасните да одмориме. Од тука пешки до Трифкова колиба и буквите Маврово со неверојатна глетка на Мавровското Езеро.

Галичник ни е нова авантура за денот. По пат застануваме на неколку наврати да ги наполниме очите од уникатните пејсажи, да се погалиме со стадата овци и да слушнеме некоја приказна од овчарите. Ја посетивме старата обновена црква „Св. Петка“ која датира од 14 век. Од тука на ручек во Хотел Неда и мезе со неизоставниот галички кашкавал и домашна ракија.

Манастирот Св. Јован Бигорски е приказна и ден за себе. Енергијата која ја почувствувавме уште на самиот влез ќе не враќа уште неколку пати тука за време на нашето патување, а се со цел одново и одново да ја почувствуваме. Тука се наоѓа фасцинантниот иконостас, единствен од ваков вид во Православието и како што велат, тука мијачките копаничари ја покажале сета своја вештина. Мирот и глетката која се постила од манастирот, едноставно те исклучува од временската димензија.

После посетата се симнуваме во Куќата на Мијаците, на исклучително гастрономско доживување и цариградско кафе со домашна алва како достојна завршница.

Следно на нашата листа е посета на водопадот Дуф, во близина на селото Ростуше. Водопадот е по течението на Ростушка Река и е висок околу 23.5м. Сместен е во густа шума, но е лесно достапен. За децата е вистински предизвик и авантура да стигнат до крајната цел, но притоа си дадовме време и без брзање се обидовме да впиеме што е можно повеќе од целата таа убавина околу нас, жубор на вода и неверојатна вегетација.

Бевме со деца на возраст од 2 до 7 години, при што секој на свој начин уживаше и го доживуваше ова волшебно место, а воедно и се справуваше со предизвиците по патот.

Од тука се упативме во селото Јанче, во хотел Туто на прочуениот зелник, а на барање на нашиот најмал член дренките кои што ги имаше набрано, веднаш му “ги направија” во највкусниот сок од дренки.

За викенд со мојата пријателка се пријавивме на јога часови на Старо Бачило. Решивме да направиме едно утринско загревање, со тоа што се искачивме пешки и имавме единствена можност да го доживееме мирот и спокојот на уште заспаната околина. Први на Старо Бачило, ја пречекавме преостанатата екипа и следуваше неповторливо јога искуство со Лејла на свеж воздух под првите зраци на сонцето. На дневниот репертоар беше и забава со одлична музика и превкусните бургери на Рустикана. Убавата атмосфера и забава продолжи на ласер таг, додека не се изморивме и ја фативме последната жичарница во 18 часот за враќање назад.

Осознавајќи ги своите можности, децата градеа една појасна и поголема слика за себе, па секоја вечер имавме прашање, која ни е авантурата за утре. Ентузијазам не ни недостасуваше, битно е како се поставени очекувањата кога одиш со деца, учиме за флексибилност ние, учат и тие. Учат за живот. Така последниот подвиг беше Лазарополе, со врвот Соколица, црквичката Св. Спас и Големиот Крст. Патеката е лесна за одење и убаво обележана, најголемиот дел е во густа шума, која ни овозможи вистински да уживаме во ладовина, на жешкиот августовски ден. На крајот наградата е голема: поглед од карпата од кој ти застанува здивот и ти се затресуваат колената. Моќна глетка која си рековме секој од нас да си ја сликне во својата глава и да си ја повика кога ќе му треба. На враќање од Лазарополе, решаваме да посетиме уште едно село од мијачкиот крај, Гари, а таму за добредојде блика ладна вода од еден кладенец, вистинско освежување. Тука се малите водопади на Гарска Река, и трим патека до ресторанот Топила, каде на изненадување на децата се отвори пред нас прекрасно уредено детско игралиште. Во живописниот мијачки крај секоја тура ни беше проследена со попатни планирани или непланирани станици, па така на враќање од Гари неизотавно беше да застанеме на мостот Еленски Скок. Бујната вегетација во летниот период не дозволува да се долови неговата комплетна слика, но чувството кога поминувате по него е доволно да ја разбуди имагинацијата како во децата, така и во нас возрасните за една од неколкуте легенди што се поврзани за овој мост.

Одморот во срцето на Националниот Парк Маврово ќе ни биде во спомен како магично заедничко доживување на нашето семејство, во кое се откривавме меѓусебно, а секако откривме и по нешто ново за себе… а воедно и си го бистревме умот, доживувајќи поголема луцидност од свежината на чистиот воздухот и потврдата и потсетувањето за вредностите кои сакаме да ги издигнуваме во нашиот живот и да ги пренесуваме на нашите деца.

Сања Никодиноска Бошњак