Соња Манчевска од Скопје, дипломиран Етнолог и Антрополог на Институтот за Етнологија и Антропологија при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, сертифициран водич во планина по УИМЛА стандард.

Владимир Ѓорѓиоски од Гостивар, дипломиран Економист на Штуловиот Универзитет во Тетово, лиценциран инструктор по скијање според ИВСИ стандард.

Во својата суштина сме нескротливи љубители на природата, можеби тоа е тесно поврзано со нашата генетска предиспонираност што нашите родители, баби и дедовци потекнуваат од дивите предели на Западниот дел од Македонија. Постојаната потреба да се биде надвор од градското поднебје и што повеќе да се биде на планина се повеќе доминираше во нашите животи и потајно верувавме дека еден ден таму и ќе останеме и ќе изградиме живот за кој отсекогаш сме сонувале. Во моментот кога се наредија коцките со добитна комбинација така дојде и моментот на храбрата одлука да ги удриме темелите на нашето ново огниште, кое имавме искрена желба да го споделиме со светот.

Во мај 2016та година се фативме за работа да го оплемениме парчето земја што го имавме, во срцето на село Маврово. При изградбата на домот користевме природни матријали, се трудевме да ги запазиме техниките на традиционална градба.

Бидејќи најголемиот дел самите го градевме, со несебична помош од најблиските роднини и пријатели, концептот на куќата постојано се менуваше и се развивше според тоа што беше потребно за да им понудиме на гостите пријатна и удобна атмосфера за одмор и релаксација. Веќе во ноември 2017та година ја завршивме првичната замисла за да можеме да почнеме со работа и прием на гости. Во основата имаме дел во кој живееме ние, а во горниот дел од Домот ги направивме потребните услови за гостите, трпезарија, комплетно опремена кујна, соби за дневен престој, тоалети и заедничка спална соба со 12 кревети. Во декември истата година ги имавме првите гости и започнавме активно со работа. Според потребите за приватно сместување кои ги воочивме на почетокот , а концептот на Домот е поразличен од тоа, во летото 2018 во склоп на објектот доградивме приватно студио со 3 кревети, опремена кујна и тоалет, и со тоа се заокружи целокупната изградба.

Кога ги имавме последните подготовки пред да почнеме со примање на резервации дојде моментот на крштевањете на Домот. Предизвик ни беше како ќе се именуваме, бидејќи имавме неколку идеи за името, но некако преовладуваа топонимски поими од планината Бистра. На крајот се одлучивме за најлогичното решение – Царевец, бидејќи според местоположбата се наоѓаме на околу 500м под врвот.

Самото име носи интересна приказна која им ја раскажуваме на нашите гости, а исто така и создаде интересен момент за кој велиме дека нашите гости при посетата и уживањето во Домот се чувствуваат царски, со што сето тоа што го правиме доби и една бајковидна нота.

Со оглед на тоа дека сме активни планинари и уживатели во Природата, наша главна задача и цел е нашите гости да ги доближиме повеќе до нејзините неверојатни убавини и корисни благодети, да ги инспирираме и поттикнеме на активно одмарање во природното опкружување, преку разни спортско-рекреативни содржини, бидејќи со престојот во природниот простор секоја клетка ни се полни со кислород, се полни со живот, се активира и со самото тоа се добиваат значајни придобивки за физичкото и психичкото здравје. Според тоа, најчесто сакаме да ја споделиме нашата пасија кон планинарството и организираме еднодневни и повевеќедневни планинарски тури, велосипедски тури, едукативни тури за запознавање на лековити билки и растенија, а исто така имаме одлична соработка со Коњаничкиот клуб „Бистра“ од Галичник со што ни е збогатена понудата преку турите со јавање коњи.

Една од особеностите и предностите на Маврово е тоа што нуди можности за туризмот да биде активен во текот на целата година. Потенцијалот и можностите кои ги има и нуди Националниот Парк Маврово полека но сигурно стануваат навистина атрактивна дестинација за одмор на домашните а особено на странските туристи. Со оглед на тоа дека е предел со особено богато културно-историско наследство, како и разновиден пророден биодиверзитет, завзема едно од примарните места на туристичката мапа на Македонија што нам ни оди многу во прилог да сме успешни во тоа што го нудиме и работиме.

Од самиот почеток со работа буквално постојано сме зафатени и имаме гости. Некогаш повеќе, некогаш помалку. Најдинамично и фрекфентно со посетители ни е во периодот од мај до ноември кога најчесто имаме странски туристи од сите краишта на светот, и во текот на зимската сезона од јануари до март кога доаѓаат повеќе домашни. Профилот на гостите е различен но нешто што сите ги поврзува е желбата да бидат на Планина. Сме имале послетители уживатели на лесни прошетки па се до сериозни планинари и спортисти, скијачи, велосипедисти, планински тркачи, јавачи.

Исто така, на барање на нашите гости кои имаат желба да дегустираат локална храна, која претставува особено важен сегмент во целокупното доживување на регионот, подготвуваме и домашни, традиционални јадења. Во нашето мени се опфатени голем дел од локалните специјалитети по кои се познати овие краишта. Како најкарактеристичен продукт со кој посебно се гордееме го издвојуваме овчото сирење кое ние љубиме да го нарекуваме „нашето бело злато“, разни пити приготвени под сач, бакардан, проја со коприви, разни тави со месо и зеленчук, чорби со диви печурки, слатки и сокови со разни шумски плодови итн. Се трудиме производите кои ги користиме да бидат локални од нашата околина. Интересно доживување но и изненадување за гостите се пикниците кои им ги организираме во текот на турите, бидејќи веруваме во тоа дека храната е многу повкусна кога се конзумира во природно опкружување со извонредни видици, а во исто време и дава чуство на слобода со тоа што излегуваме од секојдневните навики во однос на исхраната.

Во поголемата слика на нештата, она што ни претставува од една страна морална одговорност кон нашата мајка Македонија , а од друга страна реален подвиг кон тоа заедницата да се развие и стекне едно повисоко ниво на живеење, претставува нашата желба и настојување да се даде позитивен пример, особено на младите генерации, да ги земат работите во свои раце и да направат нешто вредно во својот живот. Поразителен е фактот што многумина ги напуштаат своите домови и најблиски да отидат во далечни земји, оставајки зад себе многу неискористени можности кои ги има Мавровско-Реканскиот регион. Најлесниот чекор е да се замине а најтешко но и најдоблесно е да се остане и да се промени тоа што не одговара во животот.

Како што рекол големиот Ганди „Мора да бидете промената што сакате да ја видите во светот“. Секоја промена мора да почне од самите нас и тоа е еден од мотивите кои силно не воделе во животот и не донеле таму каде што сме и го правиме тоа што сакаме да го правиме. Веруваме во тоа дека со искрена љубов, свежа енергија и храбро засукани ракави Националниот парк Маврово може да биде нашата мала Швајцарија.

Контакт Е-адреса: carevec.mavrovo@gmail.com

Facebook fаn page: CarevecMavrovo

Instagram: carevec.mavrovo