ГАЛИЧНИК

Галичник e село во областа Мала Река, сместено е на падините на планината Бистра, во центарот на регионот Мијачија. Галичник е туристичка атракција поради неговата автентична архитектура, богатото културно наследство и восхитувачките пејзажи. Се наоѓа на падините на планината Бистра, во срцето на регионот на мијачкиот крај, на 17 километри од Маврово, на надморска височина од 1270 до 1450 метри.


Познато е по „Галичката свадба“, традиционална и јавна летна свадба, што се одржува секоја година на селската слава Петровден. Денеска, Галичник е само туристичка дестинација, бидејќи локалните жители одамна го имаат напуштено како трајно живеалиште. Повеќето од нив се враќаат да ги реновираат старите семејни куќи и да ги искористат како прибежиште за одмор од летните горештини. Интересно е да се забележи дека официјалниот број на жители на Галичник, преку зима е еден жител.


Галичник е ценет по квалитетниот галички кашкавал, како и поради белото сирење. Галичник е познат и по локалната традиционална архитектура, како и поради околната недопрена природа.

ЈАНЧЕ

Јанче е едно од мијачките села во областа Долна Река, во околината на Дебар.


Селото се наоѓа во близина на реката Радика и до регионалниот пат Дебар-Маврово, оддалечено 16 километри од Дебар. Сместено е на надморска височина од 760 метри, распослано на мала површина и е село од збиен тип. Селото е сместено над течението на реката Радика, а неговите куќи се скалесто наредени. Поради ова добива изглед на орловско гнездо среде планинските врвови.

ЛАЗАРОПОЛЕ

Лазарополе е второ по големина село во Mалореканскиот предел и се наоѓа на планината Бистра, прочуена по својата убавина. Населбата се наоѓа на 1350 метри надморска височина.

Настанокот на името Лазарополе се поврзува со легендата која се одржува како предание: селаните од Главино Село бегајќи од Турците се сокриле во пештерата Калина Дупка, каде што Турците ги загушиле со чадот од запалениот оган. Само некој Лазар се спасил од пештерата од која излегол од другата страна во полето каде што основал ново село. Од неговото име Лазар настанало името Лазарополе.

СКУДРИЊЕ

Селото се наоѓа во Општина Маврово и Ростуше, во областа Долна Река, во околината на градот Дебар.

За настанокот на името од село Скудриње има една легенда. Еднаш една баба и нејзината внука береле дрење и кога бабата седнала да се одмори ја викнала на својата внука да седне во скут да јаде дрење и од зборовите скут и дрење логички доаѓа „Скудриње”.

Ова село се наоѓа во областа Долна Река, во западниот дел на територијата на Општина Маврово и Ростуше, на источната падина на планината Дешат. Сместено е на десниот брег на реката Радика и недалеку од патот Гостивар-Дебар. Селото е планинско, сместено на надморска височина од 940 метри.

Селото има збиен тип и се дели на краеви. Како посебни маала се: Реџеповци, Асовци, Фариќовци, Амовци и Чераповци.

Скудриње е оддалечено 13 километри североисточно од градот Дебар, а од општинското средиште Ростуше е оддалечено 9 километри.

ТРЕСОНЧЕ

Селото се наоѓа во срцето на планината Бистра, а е распослано по левата и десната страна на Тресонечка Река, која извира во непосредна близина на селото. Оддалечено е 22 километри од градот Дебар.


Тресонче е едно од најстарите села во Македонија. Неговото име најнапред било Старо Село. Според преданијата и сеќавањата на старите луѓе, изградено е врз три латински гробови или светилишта, односно врз „тре санче“.

Трите светилишта, односно „Свети Никола“, „Свети Петар и Павле“ и „Света Петка“, го претставуваат толкувањето на името на селото „тре санче“(три светци; т.е. Тресанче).