ИНТЕРВЈУ СО АНТОНИО РИСТЕВСКИ
главен тренер на Скијачката fедерација на Република Северна Македонија за алпско скијање

Е, па вака-така, заврши една приказна за мене, една кариера околу 20 години исполнета со многу подеми и падови, патувања, дружења, познанства,тренинзи, натпревари и пред сѐ многу скијање. Зад мене се 3 олимпијади (двапати остварена олимписка А-норма), 8 светски првенства,  над 10 старта во светскиот куп и над 500 меѓународни натпревари.Најдобрите резултати во оваа приказна се 29. место во Сочи 2014 и 276. место на ФИС ранг-листа . За сето ова и за многу други работи за овие 20 години, најзаслужен е мојот тренер Иван Лесевски, кому ќе му бидам благодарен цел живот. Голема благодарност и до Скијачката федерација на Македонија, потоа Ски-клубот „Работнички“, Македонскиот олимписки комитет, Агенцијата за млади и спорт, Сојузот на спортови на Скопје.

Како професионален скијач кој има скијано на многу светски скијачки центри, како го гледате Маврово?


Мојата скијачка приказна почна во Маврово. Мојот татко работеше во жичарницата на Маврово. Toj ме запозна со Маврово, и на 3-годишна возраст, првпат почнав да скијам со татко ми.
Тогаш имав класични скии и сам скијав по сите падини на Маврово. На 7 години добив желба да тренирам скијање и просто се вљубив во овој спорт.
Маврово, за нашите услови, е најубавиот центар во Македонија кога станува збор за уредноста, почнувајќи од паркинзите, организацијата, патеките итн. Ресортот Маврово ги има потребните услови за скијање, особено со инсталацијата на вештачки снег. Сега имаме 4 месеци на располагање за скијање, што на нас, скијачите, потполно ни одговара, бидејќи секое скијање ни е битно и сакаме да го искористиме докрај. Реално, во Маврово се чувствувам како дома.

Кажете ни една интересна случка од Вашата професионална кариера?


Во принцип сум претпазлив и точен сум со времето, меѓутоа ми се има случено да задоцнам на старт во Бугарија, каде што сите натпреварувачи почнуваат во точен интервал и секое доцнење не се простува. Мене ми помина интервалот за стартување на трката. Задоцнив местејќи ја опремата и додека да стигнам на стартната линија ми поминал интервалот, не ме пуштија да се спуштам и ме вратија дома. Таму научив  добра лекција за менаџирање со времето. Има некои интересни работи, сега смешни, а на времето можеби тажни моменти, на пример кога ја промашив последната капија токму пред целта. Капија којашто беше малце скриена.

Дали сте пробале сноубординг досега и доколку не, дали би пробале во иднина?


Немам пробано сноуборд, реално, и не ме влече. Меѓутоа би пробал, зошто да не. Различна е визијата и карактерот на скијачите и сноубордерите. Скијањето е поавантуристички, би рекол и поинтересно за мене отколку сноубордот. Кај нас има некоја култура за сноуборд којашто расте и сами сме сведоци дека расте бројот на сноубордери во Маврово. Но сепак, секогаш, скии над сноуборд. 😊

Која е Вашата омилена скијачка дисциплина? И зашто конкретно таа?


Омилена скијачка дисциплина ми е слалом. Скијачките дисциплини се развиваат со текот на годините. Како мал, тешко е да те определат или сам да се определиш на која дисциплина припаѓаш или која дисциплина да ти биде специјалност. Тоа доаѓа по многу тренинг и вежбање и самото тело е покомфорно на некоја дисциплина. Тешко е да се биде добар на две различни дисциплини бидејќи има голема разлика меѓу нив. Слаломот е дисциплината во којашто ги остварив најдобрите резултати за Македонија, за скијањето воопшто, на Балканот, па и за мене лично. Резултатите што ги направив се тешко достижни за сите земји од Балканот.

Дали претходната скијачка сезона имавте можност да скијате во Маврово? Кажете ни го Вашето мислење за системот за вештачко заснежување (каква беше патеката, подготвеноста, снегот?).


Бев тажен што дури на крајот на мојата кариера се направи вештачкиот снег, нешто што најмногу ми недостигаше кога јас бев на почетоците на мојата кариера. Тое е нешто одлично што се прави и ги поддржувам целосно таквите инвестиции. Би сакал да дадам и порака до сите љубители на зимските спортови и сите дечиња што вежбаат или почнале да вежбаат скијање, да го искористат максимално овој систем којшто им дава можност на сите скијачи да почнат со скијање, со еден збор, пред да падне првиот снег. Зимската сезона 2018/2019 би ја нарекол како совршена сезона каде што се виде функцијата на топовите за вештачки снег. Деведесет отсто од моето време во Маврово имаше снег по патеките, особено по местата каде што порано немало снег, тука би ја вклучил и обработката на патеките коишто беа совршени и ме изненадија, споредувајќи ги со претходните сезони. Што значи, Маврово се движи на прав пат како скијачки центар и како цел ресорт.

Што е следно од Антонио Ристевски? Каде продолжувате со кариерата?


Oваа година ставив крај на кариерата. Се борев со резултати, но пред сѐ се борев сам со себе за да стигнам до каде што сум стигнал досега. Мојот личен тренер се пензионираше и планот ми беше да скијам сѐ додека мојот тренер не се пензионира. Но не беше лесно воопшто, а уште помалку и емоционално да се доживее тоа. Требаше да завршам минатата година, меѓутоа останав уште една година заради младите генерации на коишто сакав да им го пренесам целото мое искуство, за да пораснат побрзо во скијањето. Меѓутоа, сѐ уште сум активен, како што завршив со скијачката кариера, веќе си создавам нова. Сега сум главен тренер на Скијачката федерација на Република Северна Македонија за алпско скијање. Се надевам дека на овој начин уште подобро ќе ѝ го пренесам моето знаење на младата генерација и ќе помогнам во оние делови во коишто мене ми недостигало, за младите генерации да стигнат уште подалеку отколку што стигнав јас и да бидат уште поуспешни од мене.

Омилен скијачки центар освен Маврово?


Би ја одбрал Австрија, покрај бројните скијачки центри кои ги имам посетено, иако Маврово не го менувам затоа што ми го дава тоа чувство кое нигде не можам да го добијам, рано наутро да бидеш прв на жичарницата, патеките да бидат совршено средени и да се чувствувам како дома!