Кога и да помислам на Маврово чувствувам спокој, среќа и бескраен мир. Местото каде што ги полнам батериите, каде што го наоѓам својот мир и местото каде што ќе се враќам секогаш каде и да одам. 

Во Маврово се чувствувам како дома, таму пораснав, таму научив да скијам и бордам, таму се научив да бидам едно со природата.

Често ме прашуваат „што правиш толку во Маврово, не ли ти е досадно?

На тоа одговарам многу едноставно – правам СЀ!“.

Маврово е место кое има што да се прави во текот на целата година, од прошетки низ планината во текот на целата година, возење велосипед, дали покрај езеро или пак оф роуд низ шума – доживувањето е неописливо со зборови, летниот период е секогаш резервиран за активности доле на езеро, веслање со даска или кајак, со друштво до зајдисонце. Магичната есен го прави Маврово да е неодоливо, освојуваќи со прекрасната златна боја која ја облива целата планина. И зимата, можеби најочекуваното годишно време кога сите со нетрпение очекуваме да падне снег и да ја видиме Мавровската белина.

Оваа година иако беше несекојдневна и по многу нешта различна со многу ограничувања, но и покрај се јас одлучив да поминам голем дел од истата токму во Маврово. Деновите исполнети со различни активности ми поминуваа брзо, па и не осетив дека всушност поминуваме низ една необична ситуација. 

Летниот период го искористив максимално за припреми за зимската сезона која следи, а воедно и за одмор од сите случувања, успеав комплетно да се исклучам од хаосот кој за жал владее во целиот свет.

Секогаш се радувам кога во Маврово има организирани настани и случувања кога местото се полни со народ и добива една поинаква атмосфера, за жал оваа година беа многу помалку такви настани, но Ресорт Маврово успеаа да направат супер програма за летниот период и да го приспособат Старото Бачило да функционира во поинакви услови, едноседот да работи во лето и секој да може да дојде на чист возух и да заборави барем за миг на сите лоши работи, да ужива во прекрасната природа.

Пред нас е новата зимска сезона и со нетрпение очекуваме да свртат жичарите, да се качиме на врв и да уживаме во погледот.

Сања Спасовска
https://www.instagram.com/sanjasnow/