Интервју со Зоран Тодоровски, ескперт за развој на активен туризам при Швајцарската програма ИМЕ

Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ и Ресорт Маврово соработуваат уште од 2014 година со цел развивање на капацитетите на Маврово да прерасне во топ туристичка дестинација. Програмата ИМЕ се спроведува со финансиска поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC и една од целите е развој на активниот туризам во Северна Македонија.

Како Маврово влезе во изборот за поддршка од Швајцарската програма ИМЕ?

Лесно препознатлив е потенцијалот на Маврово да прерасне во одлична дестинација за (активен) туризам. Од аспект на географска поставеност, Маврово е лесно достапно со добро развиена туристичка инфраструктура. Поради тоа и може да се комбинира со тури во Скопје и Охрид. Глобално, во пораст е трендот на активен, еко и планински туризам, а Маврово има одлична можност да го понуди ова на посетителите. Можеби најважно е тоа што Маврово има потенцијал за туристичка понуда преку целата година со активности како планинарење, планински велосипедизам, јавање кони, кајак и зимски спортови. Ова значи дека Маврово може да го избегне ризикот да има помалку туристи во пролетните и летните месеци, а сместувачките капацитети и останатите активности да бидат полни преку целата година. Исто така, Маврово има важни чинители кои се клучни за успешно управување и развивање на дестинацијата, а тоа се Ресорт Маврово и Националниот парк.

Подетално, за каква поддршка и активности станува збор низ годините?

Станува збор за еден сеопфатен пристап и тоа во повеќе насоки:

  • Зајакнување на врските и соработката на сите чинители во дестинацијата. Еден од резултатите од оваа подобрена соработка и координација е и годишниот календар на настани, кој Ски Центар Маврово сè уште го користи за информирање на посетителите.
  • Зајакнување на понудата на Маврово како дестинација за активен туризам. Еден од продуктите е и едукативно-рекреативната детска патека која беше изградена.
  • Пристап до нови пазари со фокус на регионот, за што беа организирани посети на туроператори од Албанија и Косово.
  • Унапредување на квалитетот на услугите во хотелските капацитети, за што беше обезбедена стручна поддршка од експерти од Швајцарија за хотелите во Маврово.
  • Унапредување на сервисите на Националниот парк Маврово, за што поддржавме изработка на платформа за електронска наплата на билетите за влез во националниот парк.
  • Подобрување на сигурноста на дестинацијата, преку специјализирани обуки за спасување во планина во летен и зимски период, како и подобрување на скијачката инфраструктура.

Во сезоната зима 2020, ИМЕ ја поддржа кампањата “FRESH AIR. ADVENTURE & FUN!” за промоција на чистиот воздух и зимските спортови во Маврово. Исто така, Маврово е еден од трите ски центри во државата каде преку Здружението за заштита и спасување во лавина и непристапен терен „Асклепиј“ поддржуваме обуки на ски-патролери и подобрени стандарди за безбедност при зимски спортови.

Која е лично вашата омилена активност кога сте во Маврово?

Планинскиот велoсипедизам е мојот избор, во комбинација со гастрономијата. Маврово нуди различни патеки што го прави привлечно за сите категории на велосипедисти. Слично е и со гастрономијата, можете да најдете понуда за различни вкусови, а особено има одлична понуда на традиционални рецепти карактеристични за тој регион.

Како може локалното население од Маврово и околината да се вклучи во понудата на активниот туризам?

Локалните настани и фестивали, локалната храна и пијалоци, локалните обичаи и животен стил се елементите кои модерниот турист очекува да ги доживее и тука се можностите на локалната заедница. На тој начин една дестинација може да се издвои од останатите и да стане поконкурентна. Во минатото, креирањето на туристичкиот производ во голема мера беше поврзано со локалните атракции амасега таа парадигма се менува и клучно станува доживувањето кое ќе им се понуди на посетителите.

Каде го гледате Маврово за 10 години?

Промените веќе се наѕираат и одат во насока на Маврово како “дестинација за четири сезони“, односно се напушта моделот на промовирање на Маврово само како зимска дестинација. Клучна улога тука ќе има Националниот парк кој ќе треба да создава поволно бизнис опкружување за да го привлече приватниот сектор. Оваа синергија ќе ја унапреди понудата на дестинацијата, која пред сè ќе биде заснована на пазарните трендови, а предводена од приватниот сектор. Тука е и можноста за поинтензивно поврзување со останатите дестинации во државата за побогата и поразновидна понуда за туристите. Особен потенцијал гледам во растечкиот тренд на независни туристи кои патуваат индивидуално. За нив треба да се прилагодат услуги како што се аудио-водичи, е-мапи, мобилни апликации и слични алатки кои ќе им овозможат самостојно да го истражуваат Маврово.

За повеќе информации за Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ: www.ime.org.mk