Влатко Томовски е роден во Скопје во 1965 година, а во Маврово живее од 2015 година.

Неговиот татко Хари Томовски, инаку другар на сите нам познатиот Заре Лазарески, во 1973 година изградил викендичка. Хари бил инженер на челични конструкции што ја решавал статиката на жичарницата двосед во 1976 година.

Како што ни кажа Влатко, одлуката за куќа во Маврово дошла многу спонтано, кога седуммина другари (деца бегалци од Егејска Македонија) славеле Нова година во Чешка и одлучиле да купат места за седум куќи во Маврово, и покрај тоа што немало инфраструктура, струја, ниту вода. Во Маврово струја се приклучува во 1974 година, а вода во 1979 година. Затоа и местото каде што денес се наоѓа таа куќа порано се нарекувало Егејско маало. Влатко многу се поврзал во детството со таа куќа и во текот на животот размислувал како да го продолжи својот престој таму. Две години бил во Лондон, четири сезони во Грција и до 2015 година се занимавал со угостителство во Скопје, имал три ресторани за брза храна, но во зимската сезона цели месеци поминувал во Маврово.

Влатко замислувал дека еден ден ќе се врати во Маврово за пензионерските денови, но, како што вели, „срце јуначко не издржа да чека до пензија“.

Зборувајќи за туризмот и развојот на туристичката понуда на која Влатко макотрпно работи ни објасни како ги надминувал препреките додека направи сместувачки капацитет и авантуристичка атракција во Маврово.

Едно само не можев да сфатам – како нешто не може да се направи. Јас почнав да го правам ова за да си докажам себеси дека може да се направи! Откако се преселив, првата година не можев да се изнапланинарам, да се изнавозам велосипед и да се изнакајакарам.“

Целата заштеда што ја имал ја инвестирал во Маврово, инвестирал во изградбата на комплетно нов објект „Вила Јана“. Веднаш потоа аплицирал за лична карта во Општина Маврово и Ростуша.

Знаете ли дека комуналиите се 70% поевтини во Маврово отколку во Скопје?“ (се смее)

Влатко Томовски ја свртел својата животна приказна кон Маврово во мисија за нејзино омасовување. Сега ги има овие активни вили: „Ski Hut Горица“, „Vertical Hostel“, „Вила Ива“, „Апартман Сузана“, „Планинска куќа Кампари“, „Хостел Јети“, „Вила Ника“ и други.

Во моментов фалат уште десет сигурно и сите тие би биле организирани различно. „Ника” е најпозната по храната, Влатко и Димац со качувачи и планинари, кајакари.

Кога секој ќе се потруди во некој различен сегмент, се отвора простор и да направиме конкурентна понуда. А капацитетот во моментов ни е премал и не ни оди во прилог. На секој еден гостин поединечно му кажувам што може да прави во Маврово. Не верувам дека секој од нас може да има 30 кајаци, но сите заедно можеме да пречекаме група од триесетина луѓе.

Ние сме тие малите запченичиња што мора да го свртат тој големиот запченик за приказната да тргне.“

„Вила Јана“ има 6 студија и мал капацитет, но работи неуморно. Располага со планински велосипеди, кајаци за рекреативно веслање по езерото, „speed boat“ за водена тура по езерото, скии, сноуборди.

НМ: А лизгалките?

Ха-ха-ха-ха. Тие се таму каде што сум јас. Лизгам од отворањето на лизгалиштето Кале во 1969 година, а првпат на скии застанав во Крушево! Во 1974 година првпат почнав да лизгам на Мавровското Езеро откако татко ми ја изгради куќата. Игравме хокеј со брат ми, а мајка ми и татко ми лизгаа со нас. Имам видео од тој ден и често го споделувам со најблиските. Со локални мајстори сè уште играме хокеј на езерото штом ни се укаже можност, затоа што речиси секоја година замрзнува. Може да се бројат на прсти годините кога не замрзнало.“

80% од гостите кај мене овој август беа Холанѓани, а во есенските месеци наши млади парови што ја сакаат планината. Многу сум изненаден од паровите што доаѓаат од Источна Македонија. За жал, повеќето Македонци што доаѓаат од љубопитство, сèуште најпрво ја бараат кафеаната, а не планината. А Маврово е една поинаква приказна.“

Покрај планинарење и возење велосипед, практикувам и летање и веслање. Jас сум пилот на змеј и со него летам секогаш кога имам услови и овде во Маврово. Годинава езерото беше преполно и немаше каде да слетам.

Во Маврово – Тони Вода е измислено за „snow kite surfing”. Годинава првпат отворивме „snow kite” за да видиме како ќе биде. Јас горе сум едрел на снег на две скии, со едрото за „windsurf”. Некогаш кога ќе направиме платформа на езерото, ќе можеме да го заживееме и езерото.“

Интервјуто е објавено во првото издание на „Наше Маврово”, во декември 2018 година.