Ресорт Маврово е новото име на Скијачкиот центар Маврово.


Најпопуларниот ски центар во државата новата скијачка сезона ќе ја стартува ребрендиран како Ресорт Маврово, под чиј бренд се вклучени и Хотел Бистра, Хотел Спорт, Хотел Лоџ и Спортскиот центар Маврово. Во богатата и разновидна понуда на Ресорт Маврово остануваат веќе познатите содржини како Галичко бачило, Старо бачило, Трифкова колиба, Клуб Ратрак и пицеријата Ски-школа, како и пејзажните ски патеки на планината Бистра по кои е препознатлив ски центарот.

„Отвораме уште едно ново поглавје во развојот на ски центарот, го модернизираме и не само со името, туку и во однос на содржините кои ги нудиме. Наша желба е Маврово да биде прв избор за туристичка дестинација, место за прошетка, излет или спортување на сите во државава, независно дали се љубители на зимските спортови или попривлечни им се летните авантури. Тоа се рефлектира и во новото лого на Ресорт Маврово на кое има графички приказ на планина, што ги симболизира зимските спортови и активности, а е во форма на кирилично „М“. Додека графички симбол односно приказ на сонце го симболизира летниот дел од сезоната, еднакво активен како и зимскиот. Идејата позади логото е да ја заокружиме приказната за Маврово како ресорт со богат избор на содржина за сите. Повелете, да го почуствувате новиот пулс на Маврово “, вели Рипсиме Кузевска, Маркетинг менаџерот на Ресорт Маврово.

„Ребрендирањето на центарот може да го гледаме како логичен потег од континуираното подобрување. Ресортот вложува согласно можностите на приватен ски центар во Република Македонија, во тоа што нашите гости го бараат секоја сезона. Наша задача е да го изостриме слухот, тие барање да ги адаптираме најбрзо што можеме и да не се повторуваат од година во година, а таму каде можеме и да изненадиме.

„Поголемите инфрастуктурни инвестиции во Ресорт Маврово започнаа во 2018 година кога од реномираниот италијанско – австриски производител DemacLenko набавивме и монтиравме современа опрема за заснежување и правење вештачки снег. Таква опрема се користи во светските познати ски центри како што се Шамони, Кицбил, Ст. Мориц, Кронплац. Инвестиравме во 19 шахти, 9 снежни топови, 4 снежни етикови. Системот за вештачки снег на Едносед стазата е во должина од речиси 2 километри и целосно ја покрива стазата. Вкупната инвестиција само во овие активности е 1.000.000 евра“, објанува Огњан Циговски, директорот на групацијата К.А.К. 

Инвестицискиот циклус во 2019 година опфати набавка на современа опрема од DemacLenko за заснежување и правење вештачки снег на ски патеката Маврово 2 (патека двосед) во вредност од 600.000 евра. Патеката двосед е проширена и отворена е и новата ски патека „52”. Патеките се обележани со знаци и поставени се снежни огради.

Дополнители инвестиции во 2018 година се 120.000 евра за опрема (ратракот со винч и 15 илјади евра за медицинско возило).  Во Хотел Спорт инвестирани се 60.000 евра во надворешен базен и џакузи, што ќе може да се користат во лето и во зима. Додека 70 илјади евра се инвестирани во нов систем за греење со енергетска ефикасност. Проширен е и паркингот пред хотелот и неговиот капацитет е сголемен за 200 паркинг места.

Во близина на бачилото Трифкова колиба поставени се буквите МАВРОВО, на локација каде што можете да го доловите и да го споделите идеалниот зимски пејзаж, а дотаму може да се стигне со пријатна 15-минутна прошетка од горната станица на двосед Маврово 1.

За безбедност на скијалиштето и медицинска заштита, центарот вработи и медицински тим, а склучи и договорот со македонското Здружение за заштита и спасување во планина и неристапен терен – Асклепиј – Ски патрола.