Димитар Попов е доселеник од Скопје во Маврово од 01.01.2016 година, како постојано место за живеење и лична карта во оваа општина. Тој потполно се пресели во Маврово, во потрага во поидиличната убавина на планинскиот живот.

Маврово, Бистра е мојата љубов и моја интимна желба уште од дете e да живеам во ова место, да имам куќа, дом во оваа магична планина. Се вљубив во Бистра кога првпат стапнав тука со мојот учител по скијање Мишо во 1998 година, година на Зимските олимписки игри „Нагано 1998“, кога Херман Маер растури. Оттогаш немам пропуштено зима да не сум во ова волшебно место. Никогаш нема да го заборавам првиот ден, денот кога се вљубив во оваа планина. Шара ја обожавам, таа ми е света планина, ја имам поминато во доста голем дел во зима со туринг-скии, најчесто сам. На западната трансверзала со мојот партнер „живеевме“ четири дена по сртот на Шара. Ја чувствувам многу блиска… Но Маврово го чувствувам дома длабоко во душата. Секоја зима, од детството, па до денес, ја минував во Маврово на скијање. Ноќни скијања, ко дете сам се убивав од скијање, цел ден и плус ноќно, па си се здробил, па тоа подготовки подоцна со клубот, па тоа различни друштва, другари, различни ситуации, различни години – а една иста планина, еден камен дали се сменил. Огромен дел од мојот скијачки живот е во ова место и честопати одев и сам ко дете на скијање, и тоа сам си терав и повеќе денови. А никогаш не сме имале куќа или нешто во Маврово. Цел живот гостин дома се чувствував, ха, ха, ха.

Скијам 22 години и тоа отсекогаш ми беше една најголема пасија. Ја пронајдов својата душа во тоа. Скијав секоја зима, скијав многу и колку што можев повеќе секоја зима, но низ годините се заситив од концептот на ски-центри, едно те исто ми стана.

Паралелно во животот голема желба и предизвик ми беше качувањето по карпи и спортовите во планина, но поради сплет на околности, качувањето го запознав неколку година подоцна откако ми стана идеја. Кога го запознав спортското качување, ми стана опсесија, и овој пат, благодарејќи на околностите, ја имав можноста да му се посветам и си дозволив да стане центар на мојот свет. Преку ноќ бев сосема опседнат со мојот нов карпест спорт, така што сѐ ми се засноваше на тоа. Качував, качував многу. Гледав да ја искористам секоја можност за качувачка авантура или за некое патување по карпи во Грција, Турција, Бугарија, Франција, Србија, Словенија. Уште од првиот ден сакав да бидам инструктор, да можам да го споделувам спортот качување. Положив во првата прилика кога само ми требаше вкупно години како сертифициран спортски качувач. Горев од желба да бидам инструктор да можам да го споделувам качувањето како една од највеличествените работи кои јас ги познавам. Еден период ја раководев карпата на Кејот, заедно со тим од одлични инструктори во Скопје, и имав своја школа за качување, каде што успеав во две години да реализирам 40-тина курсеви за спортско качување. Со времето основав и свој качувачки клуб СКК „Вардар“, кој работи до ден денешен.

Интересно е тоа што качувачкиот свет повторно ми ја распламти и љубовта кон скијањето, која во тој момент бледнееше поради презаситеноста од еднотеистиот концепт. Ми го разбуди гладот за ски-авантури, и идејата дека секоја планина ти е ски-центар, концептот на ски-туринг. Не мина многу време и ски-турингот и ски-планинарството станаа мојата втора опсесија, паралелна опсесија. Паралелно јас. Повторно се трудев цело време да скијам и да го правам тоа. Желба ми беше и да станам планински водич, да можам да бидам во планина и кога заработувам за живот, ха, ха.

Како дојде до идејата за бегство во Маврово?


Назад во 2012, поради семејна прилика или неприлика, бев преселен цело лето и цела есен во Демир Капија, и живеев во тамошниот качувачки дом – барака без струја, ха, ха. Качував и наголемо размислував да останам во Демир Капија, македонскиот качувачки дијамант (македонскиот Јосемити, ха, ха), и да почнам некаква своја приказна во тесни рамки со спортот, кога еден ден мојот драг пријател и ментор за качување Владимир, заедно со уште еден лик, случајно откри пештера во регионот на Маврово, во близина на селото Сенце.

Пештерата е огромен отвор во карпеста кула, личи на пештерата на Сивиот Череп од цртаните филмови Химен. Се издига високо над Радика и е неверојатен потенцијал за светска сензација во спортското качување. Тоа што ни течеа лиги од популарните качувачки локалитети како Калимнос (Kalymnos) или Геикбаири (Geyikbayiri) сега го имаме тука, по долината на Радика. Стил на карпа со надвисни ѕидови, тука неколку мали и огромен плафон, небесно голем. Тивко во мене побудалев од таа информација и бев длабоко заведен од „пораката од Маврово“. Нова опсесија. И тоа во моето омилено Маврово.

Во 2013 година, рано, уште во текот на зимата, како претставници од МСКФ (Македонската спортско качувачка федерација) ги започнавме дискусиите и побаравме одобрение од директорот на НП „Маврово“ и му презентиравме план за нашите планирани активности за развој на качувањето, со што добивме дозвола за уредување и за унапредување на качувањето во Маврово. Тука започна една нова ера во качувачките локалитети во Македонија. Идеално летно качувалиште во рајското Маврово.

Пролетта 2013, заедно со Владимир Трповски, кој ми е повеќе од семејство, и со уште еден наш качувач пријател, во 11-дневна акција за клинчење ги исклинчивме првите насоки за спортско качување, 8 полесни и 7 „хардкор“ линии. Ни потекоа бубрезите од носење тежина во вертикала од товарот и од висењето. Клинчевме оздола нагоре, што е најтешка форма на клинчење – во напредување, особено зашто карпата беше надвисната на пола од насоките.

Наредната 2014 година, екипирани со нашите качувачки пријатели од Словенија: Јожи, Зорко, Бојан, направивме акција за клинчење на која беа исклинчени 10 нови тешки насоки, од кои една со вкупна должина од 90 м, која почнува по варовнички ѕид 100 м вертикално над Радика. Во 2015 го организирав првиот качувачки настан од натпреварувачки карактер – целта беше кој ќе качи највисоко одредена тешка насока. Учествуваа 7 натпреварувачи на насоката Сепаратизам, а вкупната посетеност беше од околу 43 качувачи од Балканот. Прекрасен летен настан, со многу качување, качувачка забава и одлично друштво, кој беше спонзориран од македонски компании. А кон крајот на сезоната дојде првиот светски познат качувач Словенецот Клемен Беќан, кој отвори најтешка насока во Маврово, од 9. тежинска категорија (9а) – кралска линија.

Тогаш веќе знаев дека морам и опсесивно сакав да се доселам во Маврово (мојата Германија, ха, ха).

Но како?


Во однос на проектот „Димац, пресели се во Маврово“, јас знаев што треба да направам, но како? Од каде да најдам толку пари? Живеам во стан подарок од мајка ми, станот во кој живеев. А и тоа е сѐ што имав, некако, но тоа беше мојата шанса, извор на финансии за да можам да мигрирам во Мавровијата. Ако сакаш да постигнеш големи работи, мора да ризикуваш повеќе од вообичаеното. Од тој момент веќе со душата не живеев во Скопје, мислам, до крајност душата од тој момент ми живееше во Маврово, а со телото бев заробен во Скопје. Но истовремено чувствував огромен страв, страв поголем од сѐ што можев да замислам под поимот страв дотогаш во животот. Всушност, се бришам од Скопје и се воспоставувам во планинска средина. Нешто што отсекогаш го сакав, но кога ќе се соочиш со моментот и со реалната замисла, знаеш дека ќе има предизвици и интензитет со кои никогаш не си се соочил. Но знаев дека храброст е во присуство на страв да истрае волјата, и седнав на pazar3.mk, ха,ха.

Успеав да се преселам во Маврово во 2015 година, на 31 декември да стапнам во мојата куќа, спакуван во едно возило, Тетово–Гостивар за првпат си одев дома во спротивната насока од вообичаено. Чувство кое нема да го заборавам – си одев кон домот од космос даден, ха, ха, – Маврово.

Каков ти беше планот?


Добар. Интересен факт ми текна. Првпат славам Нова година во Маврово, и тоа кај мене дома. Поубав подарок – здравје! Во 2016 година се роди Ски-домот „Горица“, планинска куќа именувана по мојата мајка, што беше моја идеја да биде центар на планински туризам, сместување за планинари, понуда на планинарски (хајкинг) тури, ски-туринг тури, качувачки тури, информации – буквално планинска куќа, прибежиште. Збирно место на качувачите, ски-планинарите, планинари, хајкери, бајкери и секој кој го посетува Маврово за авантуристички цели.

Која е твојата цел, твојата визија и твое гориво за развојот на Маврово како качувачки локалитет од светски рамки?


Маврово е регион со енормен потенцијал за спортско качување. Квалитетна карпа, карпа со интересни карактеристики, прекрасни живописни региони, планинско место и планинска клима, што го прават да биде идеален летен качувачки локалитет. Тоа е особено важно зашто во Македонија имаме многу малку услови да качуваме во текот на летото поради македонската жега, а качувањето е спорт кој преферира посвежи временски услови. Маврово од тој аспект нуди идеален локалитет. И покрај тоа што знае да биде врнежливо, качувањето е во огромна и светла пештера каде што нема дожд. Полн погодок. Епско доживување. И врвен квалитет на карпа. Мојата визија за Маврово е со време да прерасне во светски популарен центар за качување по карпи, што паралелно ќе донесе директни и индиректни придобивки за населението и ќе создаде можност и содржина за младите од крајот и од Македoнија, како за качување така и за можност за локални качувачи да работат во сегмент на активниот туризам, што би можело да претставува извор или барем дополнување на егзистенцијата на младите што би се инволвирале. Бара работа многу, бара снага, качување, интензитет, бара љубов, тоа е сигурен рецепт за успех и можност за заработувачка од качувањето, што во старт прави добра селекција на „стејкхолдери“.

Кажи ни, Димитар, како оди развојот на качувањето, како се движи Маврово во тој поглед?


Добро е, бе! Ха, ха. Иако Маврово на мапата на качувачки локалитети во Македонија (www.climb-macedonia.com) постои од неодамна, од 2013 година поточно, Мавровската пештера беше домаќин на неколку качувачки настани, собири на инструктори, македонско-словенечка акција за клинчење на врвни насоки, во 2015 бевме домаќини на Клемен од Словенија, кој е еден од врвните качувачи во светот, кој ја отвори најтешката насока во Македонија, Балкан трип 9а, со што зборот за Маврово одекна помеѓу светските врвни качувачки редови, и дојде до увото на Адам Ондра, светскиот качувачки дете-феномен, кој беше наш гостин и гостин на Ски-домот „Горица“. Тој разбрал за моќта на Мавровската пештера и дојде во потрага по најтешката линија за качување. Тој исто така беше фасциниран и качи сѐ што изгледаше дека од светски  рамки е невозможно претходно, и ја надополни листата на насоки од 9а категорија. Спајдермен е нула за малиов, а е измислен, ах, ха, ха, ха… Ние сонувавме еден ден Адам Ондра да дојде, дури и на шега си мечтаевме, кога тој самиот му се обрати на Владимир дека е заинтересиран да нѐ запознае Владо и мене и да го запознае Маврово и тоа што сме го направиле. Јас на Владо една недела не му верував, иако ја видов пораката со свои очи. Ние си мечтаевме, космосот да ти слушал… По Адам, местото добива на публицитет и дефинитивно можеме да очекуваме дека Маврово прогресивно ќе се развива во наредниот период како качувачки локалитет од светски рамки.

Во разговорот со тебе ни објасни дека активностите за клинчење на нови насоки, особено во надвисни делови, се исклучително опасни, комплексни и бараат значајна сума на финансиски средства?


Дел од материјалите, опремата и храната ги набавивме од својата лична заштеда. Голем дел од клиновите, опремата само за клинчењето ги донираше „Вертикал спорт“, фирма увозник на опрема. Во тоа време јас ја раководев Комисијата за уредување на качувачки локалитети во Македонската спортско качувачка федерација и успеав да издејствувам дел од средствата да се наменат за клинчење на Маврово. Дел од средствата беа собрани и како донација од македонските спортски качувачи од кутиите за донации што ги поставувавме на натпреварите од Македонската натпреварувачка спортско качувачка лига. Од шупливо во празно, сукцесивно успевавме да обезбедиме средства за да се случи зародишот на качувачката приказна во Маврово. Сега сме само на почетокот. Завршивме огромен обем на работа, но потребно е уште многу. За да се почувствуваат придобивките од мавровското качување во регионов, потребни се околу 250-300 качувачки насоки, а засега предводејќи го унапредувањето на спортското качување во Маврово, со снага од петни жили успеавме да дојдеме до бројка од 40 насоки. Снага се има, но се нема доволно средства за материјали и затоа оди полека. Насоките се за сите, тие остануваат, наше е само името на насоките што сме ги оклинчиле во муабетот на качувачите, а ние одвојуваме средства главно од џеб, но зарем тоа не е дефиниција на луда љубов и пасија, ха, ха.

А опасноста?


Е па тоа е нешто што го прифаќаме како дел од пасијата за која живееме. Качувањето како спорт е релативно безбедна активност. Види вака: ако не знаеш да возиш кола, ќе се убиеш. Е па тука ти е горе-долу исто. Безбедноста во најголема мера зависи од човечкиот фактор.

Но клинчењето!? Клинчењето е друго, исклучително опасна уметност. Согледуваш возможна линија низ карактеристиките на карпата, ја анализираш, ја мислиш карпата, внимателно и прецизно смислуваш план, селектираш опрема и почнуваш да напредуваш нагоре во вертикалата. Со сета снага, сето знаење ставено на тест и реакција, качуваш со сета таа опрема, користиш техники на слободно качување, техники на техничко качување со помош на опрема, а притоа ти го поставуваш обезбедувањето во бланко ѕидот на карпата. Ти ја правиш насоката и поставуваш обезбедување. Чистиш од расклатени карпи. Работи мозокот, па снагата, иако снагата работи екстремно многу, тогаш можете да замислите колку работи мозокот и интуитивната реакција! Оваа активност за мене веќе е и засебен спорт, засебна возбудлива авантура – „радничка класа“. 🙂 Ќе ја завршиш насоката како лична креација и ќе се радуваш на секој што ќе ја качи, ќе копнееш да слушнеш за искуството на секој што ја качил или ја качувал. Свет прекрасен, засебен за себе. Ретко кој ќе знае за 15 клина во некој карпест ѕид во пештера стотина метри над Радика, само качувачи, но тоа е нешто како графит, но на малку поинаков начин.

Покрај качувањето, што друго го сочинува твојот живот во Маврово? Како живееш, што работиш?


Еден од моите најголеми благослови во мојот живот е што сѐ што ме сочинува како индивидуа е поврзано со карпа, шума, планина, снег – природа. Покрај качувањето, јас сум планински водич и заедно со мојата девојка Козима организираме и нудиме ски-тури и планинарски тури за странски клиенти и за авантуристи кои се заведени од Кораб и останатите планински пространства во НП „Маврово“. Со Кози живееме во засебен дел во Ски-домот „Горица“ и околу него имаме 7 мачки и 3 кучиња од локалниот избор на мавровски скитници, ха, ха. Планинариме, качуваме, скијаме по врвови зиме – ски-туринг и диво скијање, собираме чај, печурки, риболовов, тегнеме јога, Кози е стручњакот за тоа. Патролираме со џип по Бистра и Кораб, фотографираме, „лопатаме“ снег зиме, се тегнeме со предизвици и славиме што живееме во планина и ја славиме слободата што доаѓа.

Која е всушност Козима?


Кози е девојка од Германија, бекпекер, хајкер, со која се најдовме во животот една година откако се доселив во Маврово, и мој партнер во сѐ. Живееме заедно од првиот ден кога се сретнавме, оттогаш сме рамо до рамо, тим и партнери во качување, планина, работа, дома, на пат… Прав брат, ха, ха… Кози е јога-инструктор и јога-ученик. Заедно го имаме и работиме со Ски-домот „Горица“ – приказната и понудата со активни одмори која ја сочинуваат планински спортови во симбиоза со јога и хербализам. Таа се пронајде во магијата на Маврово и Македонија, се вљуби во земјата, она за коешто ние сме преблиску до дрвата па не можеме да ја видиме шумата, и ја започна својата животна приказна во симбиоза со планинскиот дух и љубовта кон Маврово.

Што правите во планина?


Ха,ха, често прашање. Се трудиме да сме што почесто во планина, на терен, но не секогаш е возможно тоа, не само поради обврските околу домот, туку планината кога ќе каже „не“, тоа трае со недели. Зиме или лете, кога сме во планина сами, навистина ја живееме таа врска со планината. Лете знае да биде и вистински комфорно со денови да си во планина. Кога работиме за живот, водиме планинарски тури, ски-туринг тури, качувачки тури и сесии, се трудиме да го развиеме и да го унапредиме дивото скијање, односно ски-турингот – спорт кој заразно се развива низ светот и во Европа. Тоа е нешто на кое посветуваме време, откривајќи нови патеки кои ги маркираме и ги категоризираме и низ кои водиме тури, но оставаме и информација која е јавна и достапна за секој преку нашите веб-канали (www.mavrovooutdoors.mk). Се трудиме да развиеме концепт на ски-туринг приказна во Мавровскиот Регион и дивите предели. Планинарското скијање е одлична авантура и концепт за активен туризам, доколку се вложи малку напор, може да биде од голем придонес за мавровскиот крај и да заземе дел во активниот туризам.

Како до качување во Маврово – информации, опрема, инструктори за почетници?


Доколку некој е заинтересиран да качува во Маврово, може слободно да ни се обрати со цел да му дадеме информации и отпечатен водич. Качувањето се одвива во пештера која се наоѓа по долината на Радика, во близина на с. Сенце. Влезот до пештерата е по планинарска патека, а на влезот во самата пештера се минува по виа ферата – железни скалила во вертикалата – при што е потребно да се има соодветно искуство и познавање. Доколку некој од мавровско-реканскиот крај е вистински заинтересиран да почне да се занимава со качување, слободно нека ни се обрати и ние ќе обезбедиме целосен курс за спортско качување. Опремата за време на курсот ќе ја обезбедиме ние, а на товар на кандидатот е да си обезбеди само патики за качување и потврда од спортска медицина. Исто така, ние спроведуваме и организираме еднодневни и повеќедневни качувачки тури за почетници. Инфо на skihut.gorica@gmail.com.

Качувањето е екстремен спорт, секој кој се движи или качува во пештерата качува на сопствена одговорност. Опремата која е наведена на инфо-таблата пред пештерата е задолжителна.

Што мислиш за Маврово, што сакаш да пренесеш како порака?


Маврово е магично место во Македонија, како зиме така и лете, и особено ми е драго што полека се развива планинска култура во Македонија и култура на живеење со планината. Има повеќе доселеници кои дејствуваат во слични и поврзани насоки во однос на туризмот во природа, што е одличен знак дека се развива во вистинска насока кон алтернативниот и одржлив туризам.

Само сакам да го замислам и си посакувам да нема ниту едно догорче, самата замисла од тоа Маврово да нема ниту едно ѓубренце е прекрасна помисла 🙂 Тоа ми е главна желба засега.

Поздрав од Маврово
Димитар Попов