Патеката на Петко и шумските жители“

Детската патека е иницијатива на Националниот парк Маврово за збогатување на туристичката понуда со едукативни содржини. Идејата е да се обезбедат дополнителни активности за најмладите посетители на паркот за кои во моментов има малку интересни и соодветни содржини. На овој начин НП Маврово со помош на IME Програмата за зголемување на пазарната вработливост – SWISS CONTACT, се потруди да им го организира слободното време на дечињата додека нивните родители се опуштаат, скијаат, возат велосипед или пак уживаат во прошетките низ националниот парк. Патеката е идеална и за организација на училишни екскурзии и настава во природа. Таа е опремена со информативни и едукативни табли со информации за растителниот и животинскиот свет во Маврово. Тука децата ќе имаат можност да решаваат загатки и да научат нешто повеќе низ посебно конципирани игри. Покрај едукативните табли во три големини, патеката е збогатена и со дополнителни елементи како: хотел за инсекти, ксилофон и дел за набљудување на птици. Со оглед на тоа што патеката е дел од сафари-паркот „Бунец“, во убавините на ова прекрасно место може да уживаат и возрасните за кои паркот може да организира прошетки и набљудување на балкански елен, набљудување на птици и сл.

За да ја посетите патеката, јавете се во информативниот туристички центар во Маврови Анови на 042/489-425 и 042/489-019 и закажете термин.

www.npmavrovo.org.mk

www.npmavrovo.mk

infopoint@npmavrovo.org.mk