Кога сте во посета на Галичник, „БАБА И ДЕДЕ“ е местото што не смеете да го пропуштите. Сите ги знаат како баба и деде, но малкумина ги знаат нивните вистински имиња, баба е Борка, а деде е Павле.

Тие се во брак 53 години и не ни замислувале дека нивната кафеана ќе биде на врвот на листата за посета од страна на туристите што доаѓаат во Македонија. Дедо Павле се сеќава дека еднаш имале гостинка новинарка од Австралија која престојувала во Галичник и останала кај нив неколку дена: „Таа никогаш немаше пробано храна како нашава и беше многу чудно за неа на почетокот да проба некое од јадењата. Велеше дека никогаш не јадат ваква храна кај нив во Австралија. Кога ја прашувавме што сака да јаде, таа едноставно ќе одговореше ќе јадам тоа што ќе јадете вие“.

„Но, еднаш кога проба нешто од тоа што го нудиме, се воодушеви и цело време бараше да го јаде истото“ – го надополнува баба Борка.

Баба Борка е кралица во кујната, а дедо Павле не готви, но има многу голема улога. Тој ги пробува сите рецепти на баба Борка и дава мислење пред да бидат ставени во менито на „Баба и деде“. Тие немаат вработени и го водат бизнисот сами: „Мојот внук ми помага во кујната, а Марко, другиот внук, му помага на деде да организира сѐ останато“ – вели баба Борка.

Секојдневното традиционално мени во нивната гостилница вклучува: домашна пита со спанаќ и сирење или само сирење, бакрдан, овчо кисело млеко и овчо сирење. Во зависност од сезоната, а воедно и за гостите што се најавени претходно, подготвуваат специјалитети како коприварник со галички коприви, посни или мрсни сармички со галички штавел, комат, јагнешко месо и слични автентични специјалитети. За да биде комплетен нивниот туристички пакет, во склоп на гостилницата нудат и сместување по цена од 15€ по лице со вклучен појадок.

„Имаме скромен сместувачки капацитет за 10 лица кој нуди врвна хигиена, удобност, греење и Wi-Fi пристап во секое време. За авантуристите, располагаме со водич во планина, како и со планински велосипеди за организирање тури“,- вели Баба Борка.

Но, да се вратиме на храната 🙂

Додека бевме во гостилницата „Баба и деде“, имавме шанса да пробаме некои од јадењата што баба Борка ги подготвува и секако, не одолеавме да не направиме неколку фотографии.

Контакт։ www.facebook.com/galichnikmtb